Tuesday, December 4, 2012

(Не)зависност


Одлично
Уште само фалеше да си докажам
дека можам да те намирисам
меѓу шеесет илјади луѓе
И да останам слепа за сите бои
освен за твојата единствена сина
Еднаква на сите мои чувства
и сите мои сеќавања
Прекрасно
Сега им покажавме на сите
Колку сме умешни во незнаењето
да си упатиме еден единствен поглед
и една единствена насмевка
Но, без грижа - јуначки издржавме
и ја поразивме хемијата со физика
Иако шепотот на душегрижниците е погласен
И од најгласната (изворна) музика
Честитки
Да наздравиме со илјадници галони пиво
Да наздравиме со сите луѓе од нашата држава
За нашето совршено игнорирање
За твојата беспрекорна грубост
И мојата триумфална иронија
Нека ни е вечна и вековита Македонија!

No comments:

Post a Comment