Monday, December 24, 2012

Погрешна проценка

Јас сум владетелка на погрешните моменти
(Знаеш, оние кога ти врие земјата под нозе
и ти се чини дека ништо не е в ред)
Прецизно те прекинувам во последниот залак
од твојот мирен појадок којзнае каде
За наутро да ти посакам добра ноќ
и да ти кажам токму тогаш дека те сакам
Јас сум сопственичка на вревата во твојата глава
кога ја бакнуваш неа
И на тивките зборови на прекор што ги слушаш
кога испраќаш некоја друга
Јас и никој друг
неприкосновено господарам со сите крцкави паркети
и замандалени железни клучалки на крајот од ходниците
Со моите потпетици беспоштедно
газам по твојата рамнодушност
и подѕирнувам да видам колку упорно не сфаќаш
дека чекорам онаму
каде што ме води мојата машина за пишување
Несмасно и нерамномерно
Без никаков план, без прескокнување
Јас сум најдобар пријател на погрешното време
за љубов, за лутина, за чај, за што било
за порака, за писмо, за разговор, за видување
за средба, за збогум, за бакнеж, за поздравување

Јас добро знам дека нема никогаш да те видам
Единствено што научив е добро да го проценам
времето за разминување





No comments:

Post a Comment