Thursday, December 20, 2012

Се скарав со прозорецот

Одејќи по улица, пред некој ден
Ми намигна прозорецот од еден стан
Ми вели, те знам, ти си била овде
Се прашувам дали се сеќаваш на мене
Не, му велам, случајно поминувам, бев тажна
Не сум била претходно, не знам никој тука
Не сум ни погледнала во нечии книги
Нит сум се огледала во нечиј фрижидер
Мора да е грешка, јас не сум била тука
И не сум заминала без да кажам збор
Не сум била среќна, па веднаш потем тажна
Не сум била господарка, па потем веднаш роб
Ама јас сум сигурен дека сум те видел
Дека си ме допрела едно тивко утро
Ти се колнам, вели, дека ретко грешам
Иако сум стар и заматен од умор
Јас, вели, се сеќавам на сите светли солзи
Сите тивки чекори што одамна ме будат
Одамна сум навикнат на тагата што ползи
На оние што доаѓаат, се сакаат, се губат
Ти си само прозорец и ништо не си видел
Ниту тивко утро, ни темна бурна ноќ
Ни тоа што се случило, ни тоа што ќе биде
Само си замислуваш дека имаш моќ
Да видиш што другите не можат да видат
Да ме допреш таму кај што нема веќе
Да потсетиш дека повнатре, во тебе
Сеуште на подот ме чека парче среќа. 

No comments:

Post a Comment