Сум заборавила колку е добро кога единствениот избор за кој мора да се изјасниш е дали ќе јадеш полнети пиперки или ќебапчиња, и потоа соломонски се решаваш за двете. Месото со кое се полнети пиперките е свинско, ама тетка ми традиционално тврди дека е мешано со телешко. Зет домазет ситуација.
Сум заборавила колку е се променето, колку сум се променила јас, и колку уживам во промените. А се си мислев дека не сум таква.
Дедо ми...да речеме, спие. И уште ми е чудно дека така ќе спие засекогаш; се уште се сепнувам при влегување во дневната соба, да не случајно влетам со некоја револуционерна поента (како што знам) среде Дневникот 2 на МТВ кога мораше да владее апсолутна тишина. Тоа ми фали најмногу – тишина, тишина, и на крај:
„Риме, и са, како работата?“
„– Фала Богу добро деде.“
„– Е, това е најбитно, да са добри сос тебе.“
И толку. Јас кажувам едно, а тој секогаш ми враќа друго. И тоа другото го сфаќам многу подоцна. (Се прашувам уште колку вакви „другости“ има, што ќе ми „светнат“ после некое време).
Ах, да – баба ми има нова молба до Господ – да ја „оглушее“ за да не ги слуша глупостите на луѓето, ама пак да може да „дума“, оти секој има право на нејзиното мислење...Секогаш знаела да ме изненади со креативноста на своите молби.
На овој ден, на овој топол вторник, 17 јули, едноставно морав да запишам колку немам желба да размислувам за што било надвор од овој круг. Немам желба да внесам кого било во мислите, а особено не тебе. Немам вишок компромис во ракав, немам простор за твојата сомничавост и грубост, немам противотров за твоите зборови.
Види, јас се смеам на палавштините на децата од моето маало кои се деца на децата од мое маало; читам весници од пред неколку недели за да и го направам ќефот на баба ми и да бидам апсолутно во тек со случувањата (се важи само ако читам гласно х’мкајќи во нејзино присуство); јас ја имам најпочитуваната задача, всушност честа да одберам радио станица кога се прави скара во двор; да менаџирам скарани комшии во својство на неутрална сила штотуку дојдена од премудрото Скопје; да седам на гробот на дедо и да си правам муабет, да се шегувам или да си молчам, по навика; но не морам да имам разбирање за тебе; не смеам да имам разбирање за тебе; и не сакам. Никогаш повеќе.
*Римска! Што правиш тато?
Еве бе тато, пишувам.
А ќе знае ли тој слепец да прочита? (се смее)
Мислам дека не. Ај батали, поарно да сварам по едно кафенце...
Татко ми отсекогаш ме читал како буквар. Но, ти навистина не знаеш да (ме) читаш. А јас немам повеќе никаква желба да те научам.
No comments:
Post a Comment