Дента кога првпат го изговори моето име
Застанав со вкочанети усни меѓу две голтки кафе
Ми беше страв ако се поместам да не пукне
Големиот розов балон полн со рими
што ја зафати целата соба и целиот град
Знаев
Можеше да речеш „ти“, можеше да речеш „таа“
но ти ги одбра моите четири букви
да ги обележиш четирите страни на светот
Во тие три секунди јас
ги запрев часовниците
ја подзапрев Земјата и сите планети
а моите образи ве обоија во црвено
И тебе, и тие што почнаа
од топлина да ги одврзуваат вратоврските
Дента кога го изговори моето име
знаев зошто татко ми рекол да се викам така
За да се содржам во тебе
Да се потсетиме со нашите букви
дека јас ти припаѓам тебе
а ти им припаѓаш на сите други
Дента кога го изговори моето име
не знаев дека знаеш да изговориш сешто
А и како би знаела
Кога твојот глас ги исклучува сите други звуци.
No comments:
Post a Comment