Tuesday, December 4, 2012

Никој не те одбира тебе


Никој не те одбра тебе
Ни сонцето
Ни ѕвездите
Ни намрштениот поглед
на полицаецот во Центар
Никој не те одбра тебе
Ни таа
Ни таа пред неа
Ни барем уште дузина други
Никој не те одбра тебе
Од тој пуст нагон ти да одбираш
И да не ризикуваш да бидеш биран
Ни кафето во самотија
Ни книжарницата на пат кон дома
Ни топлото добредојде
Ни студената добра ноќ
Ни другарите со кловновски маски
Ни девојките без пристојна облека
Никој не те одбра тебе
И Гане и Петре имаа храброст да пишуваат
за немирликите и трепетликите
За убавите тажни Дениции
За тие што се сакале
И тие што се изгубиле попат
За тие што замижале
Стиснале заби, но не заборавиле
Но тебе
Тебе не те одбира никој
Особено не мајка ми и татко ми
Ниту моите двајца браќа
Не те одбира баба ми
Не ке те одбереше ни дедо ми
И мојата населба дури
седи настрана, далеку од тебе
Далеку од твоите сателити
Кои секако, имаат еден куп прстења
Но имаат и огромни усти
И најголеми уши
И бујна фантазија
Никој не те одбира тебе
Ни моите прсти
Кои порано сами те наоѓаа
Ни моите усни
Толку често презрени и обвинувани
Ни мојата волја
Да бидам таа што ќе биде покрај тебе
Ни хотелите
Ни булеварите
Ни дрвјата
Ни празничните трпези
Никој не те одбира тебе
И не знам зошто би те одбрала јас
Кога не те одбира ниту оваа песна
Ни мојот бес кога ја напишав
За конечно на мира да се напијам кафе
И мирно да го почнам новиот ден.

No comments:

Post a Comment