Sunday, December 16, 2012

Нова стратегија


Се уште не сум подготвена
да се откажам од цигарите
и од синиот чад
Уште едно место каде понекогаш
ми се појавува твојот лик
Исто како во вирчињата
од утрински растопен снег
И камионите
Автомобилите
Светлечките реклами
Од кои ми се топори
Твоето име
Си велам
Не секогаш знам да победам
Но белки ќе можам успешно да бегам
Баш ми е гајле
и тоа се важи
Во големиот космички тефтер
на достигнувања
Во мој стил
го набележав градот
со невидливи црвени стрелки
и си измислив нова
видео игра
Целта е моите чекори
Да бидат што подалеку од твоите
Единствено така ќе биде
1:1

Ниту ти победник
Ниту јас без себе

No comments:

Post a Comment