Драг Икс,
Секој човек треба да биде
доволно внимателен во постапките за да не дозволи да биде обземен. Длабоко
верувам во тоа. Оти, обземен или одземен, границата е тенка. Се фаќаш себеси
како речиси целосно зависиш од некого, од нечиј збор или поглед – целосно си
обземен. Се фаќаш како не успеваш да направиш ниту обичен гест со раката, не
можеш да се погледнеш во огледало – целосно си одземен. А ништо не навестува
дека тоа ќе се случи. Всушност, не знам дали ништо не навестува или човек уште
веднаш станува сосема слеп за работите па не забележува како се му бега од
раце. Се обидувам да одам чекор по чекор наназад, надевајќи се на едно
историско Аха! Овде згрешив. Избриши и премотај. Се си мислам дека работите не
одат така, но вреди да се обидам.
Неколку години претходно
До пред малку плачев. Не
знам како ќе најдам време да ја завршам работата. Ако успеам да стигнам, ќе
помине ли се како што треба? Ги бришам
очите, облекувам еден сив костум што го купив за свадбата на Н. следната недела
и тргнувам, по којзнае кој пат повторувајќи си ја мантрата која и ден денес
често ја повторувам – прво реши го проблемот, па врескај. Во салата е преполно,
а не сум љубител на турканици. Се повлекувам во најблиското ќоше и чекам да ми
дојде редот. Нервозна, му зборувам на еден човек кој случајно се најде таму за
сите мои маки од последните неколку часа. Велам, како сега да работам, па јас
сум сосем расеана, јас едвај го најдов и ова што го облеков, бев на друго место
кога ми јавија, а не е шега ова, јас сум перфекционист, страдам кога работите
не се такви какви што сум намислила да бидат, како сега да најдам
зборови...Човекот се смешка и не вели ништо. Велам, доста ми е од ова, понекогаш
ми е навистина доста, а знам дека утре ќе биде иста песна бидејќи јас премногу
ја сакам својата работа, му велам и пишувам меѓу редовите оти не ми дадоа друга
хартија а не успевам никако да се напијам ни вода. Одеднаш го загледувам – има
убав поглед, бистар, или само ми се причинува? Не зборува многу. Излегувам на
сцената, се помина добро. Има и аплаузи, ме среќаваат луѓе што ме познаваат и
ми честитаат, а јас мислам само на едно. Мислам дека човекот ме праша како се
викам, и мислам дека му кажав. На друго не се сеќавам. Тогаш ли почна
обземеноста? Тогаш ли ми се одзеде реалноста? Навистина не знам.
***
Неколку дена претходно.
Сигурно ти е веќе јасно
дека од десетте луѓе кои во текот на денот ќе те прашаат како си, барем
осуммина потајно се надеваат дека не си толку „добро, еве“ колку што со
насмевка им кажуваш. Тоа е толку природно што одамна речиси и не го
забележувам, освен кога навистина не сум добро. Тогаш малку ми натежнува и се
прашувам дали можеби, на оние што и се радуваат на туѓата неволја, радоста им е
вистинска – ако е така, си велам, нека им е убаво. Мене и вака и онака тоа ќе
ми се припише како некакво неизнудено добро дело. Барем така се тешам.
Врне. Првиот вистински
мокар зимски ден во годината. Ме потсетува на Радио Скопје и она славното:
денес е 2 декември, триста и некој ден во годината. Месечината изгреа во толку
часот, а ќе зајде во толку. Денот трае толку часа и толку минути. Секако, за
мене ова е прилично растеглива категорија – денот некогаш ми трае три дена, а
некогаш не поминува повеќе од половина час пред да ми се стемни. Зборувам за неврзани работи, а всушност
размислувам за едно нешто...
Вчера сосем несмасно
раскрстив со некого. Да не речам, го ослободив. А и што ќе сме си такви,
заробени во мислите, секој закован за по некој дух од минатото. Само неколку
дена претходно, еден пријател ме задева – ајде опиши го оној со кого се
обидуваш да бидеш, и јас како од пушка почнувам – тој е мил, добар, не знаеш
колку го почитувам и колку ми е драг...и замисли, ми вели – и јас имам неколку
такви пријателки, но ниту една од нив не ми е сопруга. Опа, какво неочекувано
отворање на очите.
И пак мислам на тебе, и
се сеќавам точно на денот кога те видов. Често, во лутина си велам дека подобро
ќе беше да замижев, или да ти најдев веднаш некоја маана како што само јас
знам, и да завршев со тоа. Сепак, има нешто што на шега го нарекувам Космос и
кое ми служи за објаснување на необјаснивите работи што ми се случуваат –
сосема примитивно, би рекол ти. Сосема ефикасно, би рекла јас. Човек мора да најде начин како да подели дел
од вината за изборот кој го прави во животот, а има ли подобар „партнер“ од
невидливиот, некогаш благонаклонет, некогаш осветољубив Космос? Јас велам нема.
Како и да е, во овие
неколку месеци тишина, сфатив дека ти ја имаш привилегијата да те мразам со
поголема жестина отколку што некој воопшто ќе има привилегија да го сакам.
Каква иронија.
Драг Икс,
Има два начина да се
справиш со себеси – да се прифатиш таков каков што си, или да се прифатиш таков
за каков што те мислат другите. Фала му на Бога и на Космосот, одамна се решив
за првото. (За волја на вистината, навистина ме мачи фактот што за миг помислив
дека ме гледаш со исти очи како и јас. Сега се мислам дали тоа не било само
привид. Веројатно е така).
Пред некое време му ја
објаснував разликата помеѓу „учење“ и „сфаќање“ на еден драг пријател кој ме
праша дали луѓето во новата средина веќе ме научиле (мене и моите начини, што
би рекле американците). Низ смеа му велам – секако дека ме научија, но не
верувам дека ме сфаќаат. Ете така и ти –
доволно си паметен да ме научиш, но не и да ме сфатиш. Првото е пожелно, но
второто неопходно.
И сега? И сега не знам.
No comments:
Post a Comment