Sunday, December 9, 2012

Писмо, 20 март


Ритуалот е следниот: се пушта радиото во кола секое утро, и се почнува веднаш со пеење на првата песна што ќе ја чуеме – дали го знаеме текстот или не, сеедно – такво е правилото. На уличката кај Kерамидница, пеејќи ја овојпат “Domino” ја палиме првата цигара, а муабетот со брат ми е секогаш ист:
„Зоко, не ме чади од сабајле, одам на работа!“
„Ај ма, и онака и ти ќе запалиш.“
Како лоши деца, пуфкаме мрштејќи се оти не ни оди цигара на гладен стомак. На семафорите кај Бит Пазар, ако се отворени – океј, но ако не се, задолжително следува прашање. За девојки, за пари, за работа, за животот.
Минатиот четврток, прашањето беше чудно:
„Дадо, каков е бе тој што ти се свиѓа?“
Погледнувам десно кон Мавровка тргајќи се од сонцето, но и барајќи соодветни зборови за да го опишам Икс.
„Твојата генерација ја немаше за лектира „Шеќерна приказна“, нели? Ја немаше, знам. Е па, таму имаше еден лик, Волшебникот „една минута добар, една минута лош“. Таков е тој што ми се „свиѓа“. Вчера беше добар, што значи следува лошата минута.“
Посакувам да си го прегризев јазикот.

***

До неодамна, во мојот телефонски именик беше запишан со цело име и презиме. Митолошки гледано, како да сакав да те имам целосно со тоа што целосно ќе ти го изговорев името. Од петокот стои само Икс. „Х“. Прв рефлекс ми беше да те избришам, но тоа е премногу лесно. Така ќе те пикнев под огромниот црвен тепих на сеќавања и веројатно немаше долго да страдам. А заслужувам. Ќе ти објаснам и зошто, но подоцна за тоа.
Ставив еден голем Икс за да знам дека си сеуште тука, но пречкртан. Икс како Екс на англиски, како нешто што било па поминало...но најмногу Икс како непозната, како непознаница, како нерешен елемент во една равенка (ајде, пак обвини ме дека се во животот ми е математика, но ова беше случајно).
Гледам во буквите на екранот и не ми се верува дека тоа што стои на него некој ми го напишал мене. И дека (чудо едно!) јас го читам, без притоа да врескам и плачам. Напротив, читам како да ми е последно, како да некој чека да ми го земе телефонот од раце и засекогаш да ми ја тргне таа порака од пред очи. И полека, телото почнува да ми пулсира; секое делче, секој мускул. Главата ми зоврива, а реакцијата е само една солза, и таа некако...изнудена. Си велам, и таа знаела колку не ја заслужуваш, па одвај се стркала на перницата. Не знам што се случува кога луѓето се во шок, но мене ми се случи нешто чудно...

Слика 1

Мислам дека сум трето или четврто одделение. Струмица. Седиме на некој час, и одеднаш свикува некое дете: „Човеци, елајте брзо да видате жива кал зад шкоолто! Викат оти Влатко и некоо друго дете са заглавани!“
Трчаме сите кон живиот песок, а учителките не тргаат настрана. Сите викаат, скокаат, се фрлаат гранки, се влечат децата што останале заглавени, а јас стојам. Како лутиче. Цела во жолто, плетено комплетче од баба ми Зора. Фиксирам со поглед едно од децата и се прашувам што има долу – земја, вода, цвеќиња? Се суши ли, зошто е тука, како тоа ако повеќе преташ со рацете и нозете, побргу тонеш?
Во петокот ми текна на оваа слика зошто сега знам што има под живата кал – не има нас двајца, нашите деца и кучето; го има големиот простран стан кој сакав да го уредам во крем и чоколадна боја; ги има твоите распослани алишта, кадифени панталони и блузони кои, како и секоја вљубена девојка, со внимание ги редам; го има кафето и цедениот портокал што во моите соништа ми ги подготвуваш секое утро, како знак на љубов – оти само така знаеш да изразиш емоција. Ете тоа го има во живата кал – единствено што не знам е дали некој може сето тоа да го извади, дали може да ја здогледа светлината на денот. И не знам дали тоа може повторно да бидеш ти. После минатиот петок, не сум воопшто сигурна.

***
Мојата најдобра другарка пред некое време преживеа драма. И стана посилна, не попушти под притисокот. А јас ја храбрев да истрае. Се прашувам зошто никако не успевам да го направам истото кога станува збор за мене. Зошто секогаш ти попуштав? Полесниот, да не речам баналниот одговор е затоа што те сакам. Односно, сакав. Во петокот ти кажав дека би сакала да се исплачам и да видам што не е во ред со мене. Да, со мене – речиси сум сигурна дека нешто не е во ред со мене штом не успевам толку долго да ја направам најлогичната работа на светот – да те избришам и заборавам. Како ти мене.

Слика 2

Една од моите желби (која веројатно сега се прпелка во истата жива кал како и останатите) е и желбата да те запознаам со дедо ми. Ми недостига со секоја буква што ја испишувам. Во најстудениот месец од минатата година бев на свадба, баш на неговиот роденден. Два дена подоцна, додека борците од некои минати војни ги славеа своите паднати собраќа и положуваа венци, потсетувајќи се на ослободувањето на Скопје, дедо ми не напушти засекогаш. Мене, како и многупати досега, никој не ме праша за ништо. Како така ми одзедоа некој што ми бил столб во животот? Со кое право? Како тоа никој не ме подготви за такво нешто? И сега?
Нејсе. Прашања без одговор секогаш имало и ќе има.
Двеилјадита. Седиме со тој мој најмил дедо и со баба ми (онаа за која велиш дека ти звучи како доста умна жена), и ја тераме мојата трудна братучетка да касне залак повеќе, оти цело лето го помина со дињи и лубеници.
„Риме, ајде и ти да не израдуваш скоро со некое момче, бабе“ – ми вели баба ми, врткајќи се околу масата каде што седиме. Сонце – изгор. Струмичко.
„Ама да земеш некој добар, паметен, убав, учен – и богат. Това не го забраве, иако па и не е најважно, де“.
Да го знаеше дедо ми, ќе знаеше дека не сака многу да муабети, дури ни со нас. Никогаш не бил од оние што се распрашуваат или што се занимаваат со туѓи работи. Имаше само неколку ситни правила кои ги знаев напамет и кои никогаш во моите дваесет и осум не ги прекршив. Дури би рекла не ситни правила, туку ситни докази за почит и љубов. Но, добро.
Тој ден, сркајќи полека од „Златниот Даб“, се одважи низ смеа да зборне:
„Ех мари Зоре, та ако треба да земе некој таков, тогај ќе треба да земе не еден, туку пет души“. И потоа – смеа. Само јас и тој – како ѕвончиња.
Златен мој дедо – секогаш со вистинската работа во вистинско време. Не знам колку баба ми го разбра, ама јас го разбрав доволно за да ти попуштам цел живот.

Јас знам дека ти не можеш да бидеш пет луѓе истовремено. Не можеш да бидеш и добар и паметен и учен и трпелив и богат и се што ќе посакам и ќе ми текне. Но јас и не сум го побарала тоа од тебе. Никогаш. И не сум го очекувала. Сеедно. Знаеш дека мразам недоречени работи, па затоа и ти го пишувам писмово. За да си ја исчистам совеста до крај и за да ти покажам дека моите постапки никогаш не биле инстант супа, туку гулаш (ќе ти текне зошто ја правам токму оваа споредба). И дека никогаш не очекувам ништо нереално.

***

Како да ти опишам што значи состојба на шок? Треба да ја доживееш. Како да ти опишам состојба на љубов? И тоа треба да го доживееш (секој на свој начин, да не заборавам). Барем некни да успеев да се исплачам, ама и тоа не ми успеа. Кога силно плаче мало дете и кога на крајот губи здив, во Струмица викаат „се заикнува“. Мислам дека тоа ми се случи и мене. Едноставно, се заикнав, ама без да плачам – со запрен здив некаде под грлото. Зошто ми напиша таква суровост? Всушност, како успеа да ги најдеш баш тие зборови, од каде тој отров?
Сигурно си ме гледал со многу презир за да ми кажеш такво нешто.
Сигурно сум те сакала многу за да ми предизвикаш таков шок.

Слика 3

Запознавање на природата и општеството. Трето одделение сум. Купувам тетратки, ама пусто, не ми е ќеф да купам од оние со голема уста со кармин или со женска во фармерки на мотор. Кој учел во раните деведесетти, ќе знае за кои тетратки зборувам. Ете го дедо ми, иде со еден куп тетратки купени за „две червени“ од Бугарите на пазар. Со тигри. Каков ќеф, каква радост. Ја земам единствената со жапче и свечено ја прогласувам за тетратка по ЗПО. Напишав што напишав и излегов надвор. Не поминува ни минута, слушам вресок и трчам назад. Баба ми ја фрлила тетратката на другата страна од собата. Ама зошто, што е работата?!
„Жаба ли е това ма Риме ? Трге брзо, не мога да ја подноса!“ – ми вели баба ми, со паничен израз на лицето.
Сега ќе ти објаснам што е работата. Кога имала три или четири години, отишла со другарките на некој поток, да си играат. Е, тие таканаречени „другарки“ ја фатиле баба ми, и ја подврзале кошулката, и ја наполниле со жаби.
Врескала, се тргала, се обидувала да ги извади, ама дете е тоа, детенце. Паднала во бессознание, во шок. Се заикнала. Денес не може да поднесе ни жаба во цртан филм.

Во петокот Икс, ти ја подврза мојата кошула. А јас бев тригодишно детенце. И ја полнеше со пораки, ја полнеше со отрови, со зборови – гадинки, со гадни лепенки кои и на душманите не би им ги посакала. Додуша, јас не паднав во бессознание. Само се заикнав. И решив да те снема. Конечно. Но не пред да ти кажам некои работи.

Не знам што повеќе ме навреди – дали помислата дека навистина ги мислиш работите што ми ги кажа, или помислата дека никогаш нема да можам да ти објаснам што лежи зад некои твои заблуди...или дури, помислата дека ако и воопшто успеам да ти ги објаснам, нема да ми веруваш.
Икс, животот не се одвива во лабораториски услови, а ние не сме заморчиња. Иако понекогаш помислувам дека е тоа идеалното решение за се – како во „Шоуто на Труман“ – дај конечно некој друг да ни ги реди коцките, а ние само да учествуваме во реално шоу, да послушуваме и да му се додворуваме на тој зад екраните. Животот не е експеримент, но има такви моменти. Некогаш се случуваат и експлозии кога не треба, а некогаш изостануваат кога ги очекуваме. Или и двете.
Еднаш ти реков „Икс, колку прекрасно се разминуваме“. Тогаш навистина се разминавме на плоштад, а мене во главата ми се мотаа стиховите на Мика Антиќ: „Навистина, ти толку прекрасно не ме познаваш“.
Се разминуваме ние и суштински, во начинот на кој ги доживуваме работите – иако често велиш дека за мене се е прагма и математика, мислам дека и самиот си свесен дека тоа што го зборуваш не е точно. За мене се е чувство, тоа е главниот проблем.
А начинот на кој ме толкуваш (површно и несвојствено за тебе) поначесто ме навредува. Ќе ти кажам и зошто.
Затоа што, од нас двајца, јас сум онаа која стои час и половина пред Коцката, за под одреден агол да го гледа снегот како врне и станува жолт оти паѓа пред уличните светилки. И што е најсмешно, следното утро раскажува за тој час како да е нешто најубаво на светот.
Јас сум таа која сред нервозите, брзањето и мал милион работи кои треба да се завршат, почнува да го рецитира Шекспир или да игра како Фред Астер и да пее заедно со Синатра за да ги развесели колегите. (Ме научија. Мислам дека и тие сфатија дека тоа не е глума, дека навистина сум таква.)
 (Човекот е господар само на неизговорените зборови Икс. Требаше тоа подобро да го знаеш. Требаше малку повеќе да ми веруваш.)
Јас сум таа која, кога мисли на тебе, ти вели „Мислам на тебе“, кога те сонува, ти вели „Те сонував. Добро ли си?“, кога ти се лути, ти вели „Ти се лутам“. Епа тогаш, што мислиш, зошто ти реков дека те сакам? А?

***

Знаеш, јас не ги измислувам работиве што ги пишувам, иако ти често мислиш дека те лажам. (Грозен збор. Грдо обвинување).
Во сите овие навраќања во минатото не учествував сама. Прашај кого сакаш, ќе ти каже дека се точни. Оние кои ме знаат, а кои можеби ќе го прочитаат ова, сигурно ќе се сетат на некои од настаните или барем на личностите.
Зоко ме вози секое сабајле до работа (Гоко нема положено, па не се замара со мене). Слушаме некоја мешавина наречена „спорт – музика – спорт“, воопшто не е лоша. И пак ме прашува за се и сешто, во паузата меѓу две пцовки наменети за оние на кои „мама и тато им купиле и кола и све и сеа се уфилмани дека знаат да возат“.
Влатко го извлекоа од живиот песок. Подоцна пропадна во еден поинаков, жив(отен) песок, ама тоа е друга, негова приказна. Мислам дека е во Шведска.
Братучетка ми го роди Александар навистина јадејќи само дињи и лубеници. Не знам како беше со Филип, не бев многу често таму.
Тетратките и денес ги чувам, дури и таа со жабата ќе да е некаде. Баба ми во меѓувреме се навикна единствено на Кермит. Можеби затоа што е најголемиот џентлмен меѓу жабите. Од дедо ми задржав еден часовник, лажичка и едно златно копче за манжетни. И еден куп стари слики кои имам намера да ги ставам во албум. Некогаш го сонувам, некогаш само го слушам во мислите. Сепак живеев со нив до моите десет. Само со нив, да бидам појасна. „Право васпитање и основа“, би рекла баба ми. „Ти се знаеш“, би рекол дедо ми.
Другарка ми е среќна, вљубена и задоволна – не се гледаме често, но кога ќе ја видам, зрачи со позитивна енергија.
Колегите, нека ми се живи и здрави, почесто ги сакам отколку што не ги сакам. Некои со кои порано сум работела велат дека им недостигам. Искрено би сакала да е така и да го мислат тоа. Јас сум зависник од луѓе – тоа е мојата најголема фалинка.
За субјектите Еден и Два нема што да се каже. Може (ах таа математика) да бидат како паралелни прави, да се движат по плоштади, улици, булевари, хотели, театри, шуми (намерно е ова, сосема намерно и горчливо од моја страна, а знам дека само ти ќе го сфатиш) и никогаш да не се сретнат, туку совршено да се разминуваат. Тоа е лесното.
А може и да бидат малку поискрени, похрабри и поотворени. Да се изнавикаат еден на друг; Два да се расплаче, Еден да се разлути, ама никако со страв да не брцнат во живата кал, па макар извадиле мал стан, развод или беспарица. Никако со страв да не се заикнат, па макар оделе со подврзани кошули полни жаби одредено време. Никако без верба дека на крај сепак се ќе биде добро.

Фуснота: Икс, не велам дека си лош. Воопшто не си. Јас веројатно сеуште по малку те сакам. И не си целосно виновен за ова мое писание. Ова е само начин да ти објаснам (всушност, само да ти го потврдам она за што си веќе свесен, сигурна сум) дека работите не се секогаш такви какви што ти изгледаат, и дека нема една единствена вистина; дека личностите ги градат некои чудни моменти во животот за кои често не сме свесни дека се во нас, без оглед дали се тоа удари под појас или мали радости; дека еден ден, на ова ќе додадам слика 6 или слика 7, и ќе се навратам токму на твоите пораки, на тој фамозен екран од кој затреперив целата и кој ме промени засекогаш; дека јас сум Рима, а не некоја друга, и дека јас не сум предмет на споредба, субјект Два во експеримент, туку личност која треба да се доживее, а не да се дефинира. Токму како што беше ти за мене. До минатиот петок.

No comments:

Post a Comment